Во оваа држава многумина не слушнале за корона: Осум градови во неверојатна изолација, еве што се крие зад тоа

од Aleksandar Petrovski
142 прегледи

Стотици илјади луѓе заробени на крајниот запад на Мијанмар, во близина на жестоките борби, не знаат ништо за коронавирусот поради едногодишно исклучување на Интернет во овој дел од земјата, според групите за заштита на човекови права.

Минатиот јуни, владата на Мијанмар, предводена од државниот советник Аунг Сан Су Ки, го блокираше пристапот до Интернет во девет градови, поради загриженост дека мрежата се користела за да се направат судири меѓу војската и бунтовниците.

Во еден од тие градови Интернетот беше вратен во мај годинава, но осум други градови, со вкупно население од околу 800.000 луѓе, сè уште се без Интернет, а со тоа и без информации.

Хјуман рајтс воч и Амнести Интернешнл велат дека долгорочната забрана за пристап до Интернет го става во опасност животот на луѓето, не само затоа што ги спречува да известуваат за можни кршења на човековите права, туку затоа што ги оддалечува од важни глобални случувања како што е пандемијата на коронавирус.
„Со вооружениот конфликт меѓу армијата во Мијанмар и армијата Аракан во државата Ракин среде пандемија, императив е цивилите да ги добијат потребните информации за коронавирусот за да останат безбедни“, рече Линда Лакдир, правен советник на „Хјуман рајтс воч“ за Си-Ен-Ен.

Мијанмар досега забележа шест смртни случаи и 292 позитивни случаи на коронавирус, додека повеќе од 64.532 лица се тестирани, покажуваат податоците на тамошното Министерство за здравство.

Неколку случаи се пронајдени во градовите Маунгдау и Бутидаунг во Ракине, каде што повеќе од 100,000 муслимани Рохинџа живеат во преполни кампови. Многумина избегаа од „операциите за расчистување“ што армијата ги започна против нив во 2018 година.