Прелиминарна студија на пациенти хоспитализирани за ковид-19 покажа дека болеста во некои тешки форми може да предизвика оштетување на мозокот, да предизвика компликации како што се мозочен удар, воспаление и симптоми како што се психоза и деменција.
Ова се резултатите од првата детална студија за опсегот на невролошки компликации од „ковид-19“, велат истражувачите, истакнувајќи ја потребата за посеопфатни студии за откривање на механизмите зад нив и олеснување на потрагата по лек.
„Ова е важно евидентирање на компликации поврзани со мозокот од ковид-19 кај хоспитализирани пациенти. Многу е важно да се продолжи со собирањето на овие информации за целосно да се разбере вирусот“, рече коавторката на студијата Сара Пет, професор на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Детално се проучени 125 случаи во Велика Британија
Студијата објавена вчера во магазинот Lancet Psychiatry детално се проучени 125 случаи низ Велика Британија. Коавторот Бенедикт Мајкл од Универзитетот во Ливерпул изјави дека е важно да се напомене дека истражувањето се фокусирало на тешки случаи на болеста.
Податоците биле собрани помеѓу 2 и 26 април, додека бројот на случаи во Велика Британија се зголемуваше експоненцијално.
Најчестите компликации се мозочен удар
Најчеста компликација беше мозочен удар, кој беше пријавен во 77 од 125 случаи. Повеќето од овие случаи биле пациенти постари од 60 години, а во повеќето биле исхемичен мозочен удар, т.е. згрутчување на крвта во мозокот.
Студијата исто така покажа дека 39 од 125 пациенти покажале знаци на конфузија или промени во однесувањето, што исто така влијаело на нивната ментална состојба. Меѓу нив, девет лица имале неспецифични дисфункции на мозокот, односно енцефалопатија, а седуммина имаат воспаление на мозокот, односно енцефалитис.
Мајкл рече дека овие откритија се важен чекор кон дефинирање на ефектите на ковид-19 врз мозокот.
„Сега ни требаат детални студии за да ни помогне да ги разбереме можните биолошки механизми … за да можеме да ги испитаме можните лекови“, рече Мајкл.