Кинеската компанија „Национал биотек груп“ објави денеска дека првите резултати од тестирање на потенцијална вакцина против коронавирусот врз луѓето укажуваат на тоа дека би можело да биде безбедна за употреба и ефикасна.
Според Ројтерс, оваа експериментална вакцина довела до создавање високи нивоа на антитела кај сите 1.120 лица кои ја примиле во текот на првата фаза на клиничките испитувања, а тоа е втора вакцина на таа компанија која се покажа како ефикасна во раната фаза на тестирање на луѓето.
На кинеските компании и истражувачи им е одобрено да тестираат осум потенцијални вакцини дома и во странство, со што Кина е една од водечките земји во трката за развој на вакцина против коронавирус.
За да може секоја вакцина да може да влезе на пазарот, таа треба да се покаже како ефикасна во третата фаза на тестирање, во која нејзиниот ефект се тестира на илјадници луѓе, пренесува Ројтерс.