Тестови за брза дијагностика на присуство на вирусот Sars-Cov-2 се распределени и почнуваат да се користат во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, соопшти денеска Министерството за здравство.
Тие се наменети за брза детекција на вирусот кај пациенти кои се суспектни на ковид, а на кои им е потребна одредена интервенција, бидејќи овозможуваат веднаш после тријажата и добивањето на резултатот за само 40-ина минути да се пристапи кон соодветната интервенција кај пациентот.
Од Министерството за здравство потенцираат дека овие тестови иако се ПЦР-метода, не се истите кои се користат во лабораториите за рутинско тестирање од ковид.
Брзите тестови веќе се употребуваат на Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, а на ГАК ќе се тестираат родилките со што веднаш ќе се знае дали родилката треба да биде пренесена на одделението за изолација.
За обработка на материјалите ќе се користи истата опрема за детекција на ХПВ-вирусот која веќе ја има на Клиниката за гинекологија и акушерство.