Заврши седницата на Кризниот штаб за борба против короната во Србија.
Премиерката Ана Брнабиќ рече дека разговарале за многу прашања, пред се во Белград, каде ситуацијата е најкритична.
Брнабиќ изјави дека нема да има полициски час во Белград, но дека ќе се скрати работното време на угостителските објекти, трговските центри и продавниците.
– Разговаравме дали да се вратиме на времето во март, или да донесеме мерки за индивидуалните локални самоуправи каде имаме кризни ситуации, а каде ситуацијата е мирна, да ги оставиме да живеат. И врз основа на тоа, секоја локална самоуправа да ја прогласува ситуацијата. Договорот е дека немаме мерки за целата територија на Србија, но да се фокусираме таму каде што ситуацијата е вонредна, нестабилна а каде што граѓаните придонеле таму каде што нема потреба да се воведе вонредна состојба да ги оставиме да живеат, да прават прослави – рече Ана Брнабиќ.
Таа изјави дека разговарале првенствено за Белград и посочила дека е забрането собирање во затворени простории за повеќе од 10 лица.
– Ќе го ограничиме работното време во затворено од 21 до 6 часот наутро. Ова важи и за продавници, трговски центри. Што се однесува до отворените простори и градините, тој ќе остане од 23 часот до 6 часот наутро – рече премиерката.
Според неа, Србија скапо ќе плати за она што се случи синоќа и завчера во градот.
– Оние луѓе кои се заразиле за време на протестите треба да бидат сместени во здравствените установи. Ќе го видиме тоа за 5, 7 до 10 дена – рече таа.