Шекеринска: Да ја одржиме последната лекција заедно – режим никогаш повеќе во Македонија

од Берта Китинска
148 прегледи

Граѓаните на Македонија денеска се граѓани на светот, еднакви со најмоќните во НАТО и со отворено добредојде во ЕУ, со зачуван идентитет и потврден и признат во светот македонски јазик. Од тоа поголемо достоинство нема, истакнува во видео обраќање носителката на кандидатската листа во Петтата изборна единица на коалицијата „Можеме“, Радмила Шекеринска.

Порачува ретроградните политики на ВМРО-ДПМНЕ да останат во минатото и никогаш повеќе да нема режим во земјава. Тие, вели Шекеринска, не заслужуваат втора шанса да го продолжат истото.

– Зборуваат за достоинството наместо да ја наведнат главата и да се извинат зашто 11 години со сите сили го газеа достоинството на својот народ и држава. Зборуваат за достоинството тие кои 11 години владееја со страв и закани, тие кои ги искрадоа граѓаните а земјата ја изолираа, ја заглавија во омраза и ја претворија во жртва. Тие чиј лидер избега со парите на граѓаните, а тие прават се за да го вратат неговиот начин на владеење – за да продолжат да заплашуваат и да се богатат на сметка на иднината на секој граѓанин, вели Шекеринска во видео пораката.

Се изборивме заедно, нагласува Шекеринска, за слободата и ја поставивме земјата на вистинскиот пат.

– На 15 јули заокружете го бројот 3 да продолжиме заедно. Само заедно можеме напред. Да ја одржиме последната лекција заедно – режим никогаш повеќе во Македонија, порачува Шекеринска во видео пораката.

Слични содржини