Азербејџан може да изврши ракетен напад врз нуклеарната централа во Ерменија, што би претставувало катастрофа, изјави портпаролот на Министерството за одбрана на Азербејџан, Вагиф Даргјахли, коментирајќи го можниот напад на ерменската армија врз азербејџанската хидроцентрала.
„Ерменија не треба да заборави дека најновите ракетни системи во сопственост на вооружените сили на Азербејџан можат да извршат прецизен напад врз Мецаморската атомска централа, што би претставувало катастрофа за Ерменија“, рекол Даргјахли, а пренесува порталот „Oxu.Az“.
Претходно, во медиумите имаше мислење дека Ереван може да ја нападне хидроцентралата Мингечаурск во Азербејџан.
Вооружените конфликти што започнаа на 12 јули на ерменско-азербејџанската граница продолжуваат веќе четврти ден по ред во пограничните региони – Товуск и Тавушк, кои исто така граничат со Грузија и се наоѓаат на неколку стотици километри од непризнаената област Нагорно-Карабах, каде што ситуацијата во моментов е мирна.
Бројни земји и меѓународни организации изразија загриженост за конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија и ги повикаа страните на дијалог. Во тој поглед, министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, ги повика Баку и Ереван на итен прекин на огнот и да покажат воздржаност, имајќи ги предвид преземените обврски.
Историјата на конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија датира од 1988 година, кога автономниот регион Нагорно-Карабах го најави повлекувањето од Азербејџан од тогашниот СССР. Во септември 1991 година, во центарот на областа во Степанкерте беше најавено формирање на Републиката Нагорно-Карабах.