Водечките хрватски научници детално ги анализирале вирусите на пациенти од Пула, Копривница, Вараждин, Дубровник, Сплит и Осијек и утврдиле дека новиот коронавирус не е ист.
Доктор на науки Бета Халаси, раководител на Лабораторијата за имунохемија и биохемија на Центарот за истражување и трансфер на знаење во биотехнологијата на Универзитетот во Загреб, вели дека студиите на група научници кои анализираат вирусни геноми во центарот воочиле некои разлики во нив, но целосното значење на тие разлики, вели таа, допрва ќе се покаже.
Според неа, новиот коронавирус во оваа „втора опашка“ на првиот бран во Хрватска ги предизвикува истите симптоми на болеста Ковид-19, меѓу кои тие дури неодамна беа официјално додадени на списокот, како што се повраќање и дијареја.
„Дали новиот коронавирус мутирал, колку влијае оваа промена во структурата на вирусот на неговата заразност, дали се шири побрзо и дали предизвикува различни симптоми на болеста? Сите овие се сè уште актуелни прашања, како и клучното – што значи тоа за развојот на ефикасна и безбедна вакцина“, рече д-р Халаси за загрепскиот „Вечерњи лист“.
Весникот потсетува дека неодамна беше заклучено дека тоа е моментално најдоминантната мутантна верзија на новиот коронавирус која ја разори Америка, но за која се смета дека ја „поштедила“ Кина.
Се смета дека оригиналниот вид на вирусот од Кина до Европа мутирал и дека мутацијата, наречена D614G, се шири во Америка. Денес тоа е доминантен вид на корона што кружи низ целиот свет.
На таа мутација, меѓу другото, се припишува поголема заразност, но науката допрва треба да го докаже тоа недвосмислено.
Ваквата доминантна мутирана варијанта на короната беше утврдена, како што се наведува, во примероци од брисеви од шест анализирани хрватски градови.
Според докторот на науки Јелена Иванчиќ Јелечки, биле анализирани брисеви од различни пациенти, за кои е потврдено дека припаѓаат на различни епидемиолошки ланци, односно вируси кои биле независно внесени во Хрватска.
Анализите, како што вели таа, потврдија дека короната во шест хрватски градови не е идентична, но останува да се види што всушност значи оваа разлика во структурата на вирусот.
„Но, во сите шест примероци, беше откриено дека тие се мутирана D614G варијанта на овој вирус, а се уште е потребно недвосмислено да се утврди дали станува збор за позаразна варијанта. Во сериозноста на болеста што ја предизвикува досега не е утврдена разлика, но утврдено е дека луѓето заразени со оваа мутација имаат повисоки нивоа на вирусот во себе“.