Процесот на преговори за формирање нов состав на владата ќе почне веднаш по илинденските празници. Бројките се јасни, СДСМ и коалицијата „Можеме“ на овие избори обезбедија најмногу пратенички места, кристално чисто е кој го има мандатот. СДСМ и коалицијата „Можеме“ со европските и напредни политики што ги водеше досега и со јасната понуда во делот на економијата и правдата има најголем коалициски потенцијал, далеку поголем од капацитетот на ВМРО-ДПМНЕ или која било друга партија, вели вели во интервјуто за „А1он“, лидерот на СДСМ Зоран Заев.
За него, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се „аутсајдери“ и според него, тие на предвремените парламентарни избори покажале дека имаат сериозни проблеми и дека се „заробени од груевизмот“.
– За жал Мицкоски повторно покажа дека нема никаква ниту политичка култура, ниту пак има капацитет достоинствено да прими пораз. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на овие избори доживеаја јасен и недвосмислен пораз на фер и демократски изборен натпревар.
Исто како и за локалните и за претседателските избори, така и сега кукавички се сокри во белата палата. На овие избори дури немаше храброст вечерта да излезе на прес-конференција и да го каже ставот за изборниот ден. Тоа само зборува за неговиот демократски капацитет, за неговиот вредносен потенцијал, но и за неговата општа култура.
Мицкоски е аутсајдер, a ВМРО-ДПМНЕ и на овие избори покажа дека има сериозен проблем и дека е заробена од груевизмот.