Последните парламентарни избори во Македонија се одржаа во атмосфера на несигурност, страв на граѓаните за сопственото здравје и во услови на големи прилагодувања на изборната законска рамка, велат од Твоја партија.
„Со самото излегување на граѓаните да гласаат во вакви услови, тие покажаа висока свест, совест и храброст. Но, подготвеноста на граѓаните и во отежнати услови да го остварат своето право на глас беше изиграна од страна на Државната изборна комисија, која го компромитираше изборниот процес, пред се со неефикасноста на извршувањето на елементарните задачи за кои постои, и со тоа отвори простор за сомнежи, почнувајќи од процесот за набавка на апликацијата, преку сомнителното паѓање на официјалната страна, несериозните и различни изјави за бројот на излезени гласачи, поништените гласачки ливчиња, па се до непрофесионалното известување и постапување во врска со поднесените приговори.
Паѓа во очи фактот дека ниту една од несоодветните постапки на ДИК, не предизвика реакција кај политичките партии кои се дел од актуелниот собраниски состав.
ТВОЈА партија инсистира на итно формирање на сите државни органи и институции во полн капацитет, бидејки тоа беше главната наведена причина за одржување на избори во време на Корона вирусот.
Секое пролонгирање на роковите (макар и во законски рамки), значи дека наведената причина за брзо одржување на изборите била вешта манипулација, направена со цел за искористување на состојбата на пандемија за остварување посакуван изборен резултат, но не и вистинска потреба.
Потребно е итно формирање на новото Собрание, паралелно одвивање на преговорите за формирање на парламентарно мнозинство и прометно постапување на Претседателот на државата кој треба да го даде мандатот на оној што ќе го извести дека обезбедил 61 пратеник.
Во случај партиите да не успеат да се договорат во најкраток можен рок, неминовно е одржување на нови избори, најдоцна до редовните, според календарот од претходниот парламентарен состав“, соопштија од партијата.