
Српскиот епидемиолог, Предраг Кон рече дека не се чувствува удобно заради барањето на повеќе од 2.000 лекари да ги заменат припадниците на Кризниот штаб за сузбивање на коронавирусот и истакна дека потписниците на таа жалба не биле непријатели, туку дека заедничкиот непријател е вирусот.
„Овие 2.000 потписници не можат повеќе да бидат противници, тие се „обединети во борбата против ковид“. Тоа што сме во оваа позиција, ете се случи“, рече Кон, како гостин на Н1 телевизијата.
Тој посочи и дека луѓето не разбираат дека Кризниот штаб се состои од 40 лица, од кои само десет се медицински експерти, епидемиолози, инфектолози, виролози и имунолози и дека состојбата во Кризниот штаб не е црно-бела, односно дека лекарите „не се толку сервилни како што се мисли“.
Кон ја истакна важноста на комуникацијата со јавноста, изјавувајќи дека некои членови на Кризниот штаб од медицинската професија сметаат дека комуникацијата треба да се бојкотира затоа што одредени прашања на новинарите ги сметаат за навреда.
„И јас лично сметам дека е неопходно да се продолжи комуникацијата постојано“, рече тој.
На прашањето дали податоците што се објавуваат секој ден на прес-конференциите на Кризниот штаб се однесуваат на тестовите тестирани во последните 24 часа или на обработените тестови во последните 24 часа, Кон рече дека тој самиот „искрено не знае“.