Правните лица кои ќе остварат донации преку Solidarnost.gov.mk ослободени од данок и со олеснета постапка

од Берта Китинска
324 прегледи

Додека светот повеќе од 5 месеци се соочува со пандемијата од Ковид-19, а компаниите се пред финансиски колапс, истовремено сведоци сме и како голем дел од бизнис секторот ја покажува својата општествена одговорност на дело, солидаризирајќи се со здравствените работници кои неуморно и пожртвувано работат за полесно надминување на кризата и остварувајќи значајни донации во солидарните фондови наменети за справување со пандемијата.

Банки, градежни компании, компании од прехранбена индустрија, фармацевтски компании, IT индустрија, разни услужни дејности, па дури и мали претпријатија, уште од почетокот на кризата па сѐ досега, речиси секојдневно го даваат својот несебичен придонес. На платформата Solidarnost.gov.mk може да се забележат донации од неколку илјади денари, па сѐ до повеќе милиони денари, а пак донаторите велат дека како компании ѝ должат на заедницата во која делуваат и нивна обврска е да придонесат за нејзино побрзо закрепнување од последиците кои нѐ засегаат сите.

Имено, преку веб-платформата Solidarnost.gov.mk, како и на веб-страниците koronavirus.gov.mk и „Отворени финансии“, и јавно може да се погледнат податоците за реализација на донации дадени во фондовите на Министерството за здравство и Солидарниот фонд при Владата и всушност своја поддршка досега дале повеќе од 130 одговорни компании во вкупна вредност од околу 215 милиони денари во финансиски средства и речиси 64 милиони денари во најразлична нефинансиска помош, почнувајќи од медицински апарати и друг потрошен материјал, па сѐ до различни услуги и медицинска апаратура.

Но, она што многумина можеби и не го знаат е дека за сите донации дадени во овие фондови донаторите можат да остварат даночно ослободување преку Управата за јавни приходи, согласно Уредба со законска сила со која е утврден јавниот интерес.

Што значи тоа?

Тоа значи дека по завршената донација преку платформата Solidarnost.gov.mk, на давателот на донацијата му се генерира автоматски електронски договор за извршената донација кој понатаму може да се искористи како потврда за целите на даночното поттикнување, данокот на личен доход и данокот на добивка.

Всушност, договорот се склучува помеѓу имателот на платежната картичка со која е остварена донацијата и солидарниот фонд во кој тој донира и тој претставува валиден документ кој ќе му послужи на давателот на донацијата како доказ пред даночните власти да ги оствари даночните поттикнувања, и тоа пред Министерството за финансии (за поврат на ДДВ-то) и пред Управата за јавни приходи (за даночното поттикнување кај данокот на личен доход и кај данокот на добивка).

Олеснета процедура за даночно олеснување

Вообичаено, за донации во јавните дејности потребно е да се спроведе постапка во Министерството за правда која ќе потврди дека остварената донација е од јавен интерес. Тоа

значи дека до Министерството за правда треба да се поднесе доказ дека донацијата/спонзорството има карактер на донација, за потоа надлежното министерство да издаде решение кое понатаму ќе послужи за даночното олеснување.

Меѓутоа, со Уредбата со законска сила која ја донесе Владата, сите донации во финансиски средства, добра или услуги со цел да се решат состојбите предизвикани од коронавирусот КОВИД-19, автоматски се сметаат за јавен интерес. Со ова всушност и се олеснува постапката за донација за справување со коронавирусот и Министерството за правда подготви уредба за да ја олесни постапката на донаторите во нивните хумани намери да донираат во еден од двата фондови. Оваа уредба предвидува дека донаторите не треба повеќе да поднесуваат барање за потврдување на јавен интерес до Министерството за правда, што пак значи и дека донаторите за да остварат даночно олеснување за овој вид на донации, до Управата за јавни приходи не треба повеќе да доставуваат копија од решение на Министерството за правда за потврден јавен интерес на донацијата, како што беше досега.

Како фирмите на едноставен начин може да добијат даночно олеснување?

Правните лица за да го остварат своето даночно олеснување, до Управата за јавни приходи треба да поднесат даночен биланс, заедно со приложен договор за донација кој ќе го добијат во електронска форма преку Solidarnost.gov.mk, писмена потврда за примена донација, како и доказ за уплатени средства. Оваа документација треба да се поднесе најдоцна до 31 јануари во годината која следи по годината кога се уплатени средствата.

Дополнителна олеснета постапка е и тоа што сета документација може да се достави по електронски пат, односно преку системот на УЈП, а пак примателот на донацијата, до 31 декември 2020 г., исто така има обврска со УЈП да достави извештај за примени донации, со што на донаторите ќе им се олесни постапката за остварување на даночното поттикнување

Слични содржини