Согласно здравствените протоколи за заштита од ширење на Ковид-19, вчера во Собранието на Република Северна Македонија, во салата со Голема купола се одржа конститутивната седница на десеттиот парламентарен состав каде присуствуаа 117 од вкупно 120 пратеници избрани на предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули.
Најмладиот пратеник, односно пратеничка во овој парламентарен состав е Артина Ќазими и доаѓа од редовите на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, додека најстарите пратеници се Илија Николовски од коалицијата „Можеме” и Стојан Миланов од коалицијата „За обнова на Македонија”.
На дневен ред на конститутивната седница беа четири точки, од кој само за првите две имаше расправа. Останатите точки кои предвидуваат избор на претседател на Собранието, негови заменици и членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, според претседателот на претходниот состав Талат Џафери, ќе се дискутираат тогаш кога ќе се создадат услови за тоа.
Според Деловникот на Собранието, на оваа конститутивна седница и претходеше формирање на Комисијата за верификација на мандатите. По предлог на претседателот во претходниот состав Талат Џафери, за претседател на оваа Комисија беше избрана пратеничката Јагода Шахпаска, а за членови пратениците Изет Меџити, Благица Ласоска, Соња Мираковска и Сафије Садики Шаини.
Верификациската комисија утврди дека предвремените избори за пратеници се спроведени согласно со Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието од 16 февруари 2020 година и Решението за изменување и дополнување на Решението за распишување на предвремeни избори за пратеници од 15 јуни 2020 година.
– Предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, одржани на 15 јули 2020 година, ги спроведоа Државната изборна комисија, општинските изборни комисии и избирачките одбори. Врз основа на записниците од општинските изборни комисии и записниците од избирачките одбори Државната изборна комисија ги утврди конечните резултати, рече Шахпаска.
На изборите кои се одржаа на 15 јули коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата „За обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ – 44, ДУИ – 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива – 12, Левица – два и ДПА – еден мандат.
Во новиот парламентарен состав, мандати освоија 43 жени и 77 мажи.
Со одржувањето на конститутивната седница течат роковите за формирање на влада. Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Претседателот Стево Пендаровски веќе најави дека планира да одржи консултации со политичките партии по конституирањето на Парламентот, по што, согласно уставните одредби, ќе го додели мандатот за формирање нова влада на партијата која ќе обезбед мнозинство во Собранието.
Поради пандемијата, вчерашната конститутивна седница се одржа под посебни здравствени околности. На присутните во Собранието при влезот во зградата им беше мерена телесна температура, а на сите влезови беа поставени средства за дезинфекција.
Бидејќи станува збор за вондредни околности и е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, конститутивната седница се одржа во Големата сала на Собранието, односно во салата позната во јавноста како Голема купола. Меѓу пратениците се почитуваше физичката дистанца и истите носеа заштитна опрема.
Гласањето на седницата ќе одвиваше рачно (со картончиња), а од седницата имаше директен пренос на Собранискиот канал на Националниот радидифузен сервис МРТ.