Најголем процент на новозаболени од Ковид 19 во земјава се лица над 60 години

од Берта Китинска
199 прегледи

Министерството за здравство информира дека R0 факторот на преносливост на вирусот покажува позитивен тренд на намалување, кој изнесува 0,9, а во континуитет речиси еден месец е околу 1.

Продолжува и трендот на намалување на бројот на новозаболени и починати лица, а се бележи и значително зголемување на бројот на оздравени лица, во однос на претходната недела, според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје објавен денеска за периодот од 27 јули до 2 август, 2020 година.

ИЈЗ известува дека во дадениот период се направени вкупно 9.709 тестирања (146 повеќе од периодот 20–26 јули) и регистрирани се 912 позитивни случаи на Ковид-19, што е за 4,6% помалку од претходната недела. Во периодот на известување благо намалување има и во проценотот на позитивни од тестирани случаи, кој изнесува 9,4% (претходната недела 10% од тестираните беа позитивни).

Новозаболени се регистрирани во 28 града, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (27,9% – бележи благо намалување три недели по ред), во Штип (12,2%) и во Гостивар (11,2%). Во 19 градови во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20. Во однос на старосната структура на новозаболените во овој период најголем процент се лица над 60 години – 22,9%, а поголем број заболени се регистрира и кај лицата на возраст меѓу 30-39 години – 19,4%.Во возрасната група 40-49 години се 17,9% од новозаболените, а во групата 50-59 години – 17,8%. Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 години – 3,1% и 10-19 години 5,0%. Од случаите кои се епидемиолошки истражени се хоспитализирани 136 лица или 15,7%, а кај 277 лица или кај 32,2% регистрирано е присуство на коморбидитети.

Од вкупниот број епидемиолошки истражени новозаболени 38,1% имале контакт со потврден случај на Ковид-19, а 21 лице (исто како и претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена. Во периодот 27 јули – 2 август се регистрирани 1.032 оздравени лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 378 лица или 36,6% повеќе од претходната недела на известување (20 – 26 јули).

Во периодот 27 јули до 2 август се регистрирани 29 смртни случаи, што е намалување од 14,7%, во однос на минатата недела. Најголем дел од случаите се лица над 60 години – 75,9%. Во болнички услови се починати 24 од случаите, а пет вон болнички. Кај 23 од смртните случаи (79,3%) се регистрирани претходни коморбидитети.

Слични содржини