Македонски компании ќе имаат можност да воспостават нови деловни односи со странски партнери и во услови на корона преку виртуелната Б2Б платформа закажана за 25 август.
Станува збор за настанот „Business Co-Matchmaking“ што го организира Европскиот бизнис центар „Ист Мармара“ (ABİGEM East Marmara), чиј национален партнер е Стопанска комора Македонија – Турција (МАТТО). Партнери се и Европската претприемачка мрежа, како и Стопанска комора на Кочаели, Турција.
Од МАТТО за МИА велат дека во фокусот ќе бидат секторите туризам, недвижнини и мебел, но и машинскиот сектор, обработката на метали, пластика и гума, хемиска и суб-индустрија за автомобилски производи, материјали за градба и градежништво, енергија, електроника, храна,…
Платформата ќе овозможи директни е-бизнис контакти.
– Со цел обновување на трговските врски и поттикнување на индустријата ги повикувме македонските компании да ја искористат оваа можност за воспоставување нови деловни односи. Настанот ќе се одржи на 25 август 2020. Оваа година компаниите ќе се сретнат со турските и фирми од цел свет на интернет платформата. Учеството е без котизација. До сега се регистрирале компании од Турција (153), БиХ, Косово, Србија, Бугарија, Гана, Нигерија, Романија, Русија, Шпанија, Албанија, Белгија, Германија, Грција, Италија, Словачка, а од нашата земја пет, истакнуваат од МАТТО.
Електронската адреса за регистрирање на настанот, за информирање околу тоа кои се учесниците, како и за одбирање партнери е https://co-matching2020.b2match.io, а крајниот рок за пријавување е 23 авгут.