Овој викенд во Крушево за прв пат ќе се одржи пливачкиот маратон „Тоше Проески“ кој ќе биде дел од македонскиот куп во далечинско пливање.
Ќе се плива во недела, на 9 август, во водите на Крушевско Езеро. Патеката е со должина од 2,5 километри, а натпреварувачите ќе бидат поделени во три возрасни категории: од 12 до 14, од 14 до 18 и постари од 18 години. За пливачите под 12 години ќе има детска патека од 800 метри.
„Патеката ќе биде поставена во форма на правоголник. За потребите на оваа трка набавени се и нови бови кои ќе го означат пливалиштето. Секој пливач кој ќе ја исплива делницата ќе добие медал. За најдобрите набавени се и одличја, ќе се делат маички, како и стокови награди. Маратонот „Тоше Проески“ е во организација на ПК „Вардар 2018“-Скопје, потпомогнат од Општина Крушево“,соопшти претседателот на Националната пливачка федерација, Александар Филипчев.
Маратонот почнува во 11:00 часот.