Средби без договори, дали ќе имаме нова Влада до петок?

од Берта Китинска
586 прегледи

Во тек се разговорите меѓу политичките партии за формирање ново парламентарно мнозинство. Договорот треба да пистигнат најдоцна до петок кога истекува десетдневниот рок, по кој претседателот на државата треба да го додели мандатот за формирање влада.

Лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, на вчерашната средба не постигнаа договор околу формирањето на нова влада, сепак, како што истакнаа, разговорите ќе се продолжат во текот на наредните денови, а доколку има волја ќе се постигне позитивен епилог.

По вчерашната средба со Ахмети во Собранието, Заев истакна дека жали што не може веднаш да каже дека е постигнат договор и најави дека разговорите ќе продолжат следните денови. Очекува неделава да биде доделен мандатот за формирање влада и порача дека таа треба да се формира за да носи решенија за одговор на предизвиците. Нови избори, како што вели, не се решение затоа што ќе се повтореле резултатите.

Има, вели, многу суштини и многу детали за коишто е вредно да се разговара.

– Таман работа да останеме без влада. Нови избори не ги решаваат работите. Ќе ги повториме резултатите. Влада треба да се формира. Треба да се формира влада секако таму каде што ќе се најдат решенијата за формирање на влада. Нашиот став, а фала богу и на другите партии со коишто разговараме е дека сега нема причина да се размислува за предвремени избори. НАТО е завршена работа одлука започната за преговорите имаме , меѓувладина конференција се закажува почеток на отворање на поглавјата, ќе треба да работиме а и да оставиме предвидливост и за економијата, за граѓаните и за сите, изјави Заев.

Ахмети, пак, по средбата истакна дека разговарале околу платформите за да ги доближат ставовивте, нагласувајќи дека ќе зависи од волјата на двете страни за да се постигне позитивен епилог во полза на државата.

– Јас не сакам да ги оптоварувам преговорите и не сакам последниот збор да го кажам. Ние инвестираме во прашањето за Албанците, во добра насока сме и готови сме ова да ги направиме за државата затоа што придобивка ќе има стабилноста на државата, приближувањето на заедниците, сакаме и сме подготвени ова да го направиме за државата, истакна Ахмети.

Тој рече и дека веќе го информирал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски оти неговата партија започнала преговори со СДСМ, како победник со победник.

– Јас го информирав Мицковски дека започнаа преговори меѓу ДУИ и СДСМ за тие да не создадат лажно мислиење, туку да знаат дека ние правиме напори за да постигнеме договор, потенцираше лидерот на ДУИ и изрази надеж дека сите партии ќе имаат силна волја за да се надминат разликите и потешкотите.

Околу прашањето за премиер Албанец, што беше предизборно ветување на ДУИ, Ахмети оцени дека, колку се блиску, толку се и далеку.

– Јас сметам дека колку што сме блиску толку сме и далеку, но сепак сите страни мораат да ги имаат предвид големите интереси на државата, рече Ахмети.

Пред да се одржи средбата со Заев, Ахмети  упати покана до лидерите на партиите од албанскиот политички блок, по повод годишнинатата од Рамковниот договор. Заев тоа го оцени како притисок врз него, СДСМ и Коалицијата „Можеме“ и порача дека таква средба може да имаат и претставниците од, како што вели неалбанските граѓани. Ако е поводот Охридскиот договор, потенцира, таму треба да бидат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно по објавата на редовното утринско соопштение од СДСМ дека водат сериозни разговори за обезбедување ново стабилно парламентарно мнозниство со четиригодишен мандат, од ВМРО-ДПМНЕ во реакција порачаа дека  „на Република Македонија не и е потребна уште една влада како минатата за граѓаните да осиромашат“. – На Република Македонија и е потребна сигурна иднина, а тоа ќе го овозможи владата преводена од ВМРО-ДПМНЕ. Нови информации за текот на нивните преговори за парламентарно мнозинство вчера не беа соопштени, исто како и претходните денови, со образложение да не се наштети на текот на процесот.

На изборите кои се одржаа на 15 јули коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата „За обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ – 44, ДУИ – 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива – 12, Левица – два и ДПА – еден мандат.

Слични содржини