Денеска напладне во Вила Водно претседателот на државата Стево Пендаровски ќе му го врачи мандатот на Заев за нова Влада.
– Зоран Заев, во име на коалицијата „Можеме”, која има освоено најголем број пратенички мандати во Собранието, го информираше претседателот Пендаровски за преговорите со повеќето партии за обезбедување на неопходното мнозинство во Собранието за избор на Владата, вака гласеше вчерашното кусо соопштение од Кабинетот на Пендаровски кој мандатот на Заев ќе му го предаде во 12 часот во Вила Водно.
Од Кабинетот претходно информираа дека Пендаровски се консултирал со експерти, а заклучокот бил јасен, дека Собранието е конституирано на 4 август и оттогаш течат уставните рокови за доделување на мандатот. За да се смета дека Собранието е конституирано, како што наведе Кабинетот на Пендаровски, потребна е верификација на мандатите на пратениците, а не нечиј избор.
Денеска нема да се одржи продолжението на конститутивната седница на новиот парламентарен состав што вчера ја најави претседавачот Талат Џафери.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието информираат дека претседавачот со конститутивната седница, поради објективни семејни причини, денеска нема да го закаже продолжението на седницата во Собранието и дека кога ќе имаат дополнителни информации за седницата ќе информираат. На својот фејсбук – профил тој синоќа објави дека добил внук од ќерка.
Во текот на денот треба да се одржи и заеднички состанок на лидерите на партиите од албанскиот политички блок што го иницира претседателот на ДУИ Али Ахмети. На состанокот нема да присуствуваат Африм Гаши од Алтернатива и неговиот коалициски партнер и лидер на Алијанса за Албанците Зијадин Села кои бараат одложување за наредната недела, по 17 август. На лидерската кај Ахмети нема да оди ниту претседателот на Беса, Билал Касами, кој смета дека таков состанок треба да се одржи по формирањето на новата влада.
Во интервју за 21тв кандидатот за премиер Албанец, Насер Зибери изјави дека преговорите се уште се одвиваа помеѓу СДСМ и ДУИ. Зибери вели дека во моментов преговорите меѓу Заев и Ахмети се околу моделот за тоа како ќе се подели премиерската позиција, со веќе зборуваните варијанти, 2 со 2 години, 3 со 1 или 1 со 3.“
-Според информациите што ги имам, прашање на модел е, за кое партиите имаат различни гледишта и не е тајна дека тука станува збор за тоа кој прв ќе биде номиниран за формирање влада. За таа позиција, партиите изнесуваат аргументи зошто овој или тој треба да биде мандатар, итн.., истакна Насер Зибери.
Околу доделувањето на мандатот се огласи и СДСМ. Соопшти дека согласно член 90, став 1 од Уставот, за мандатар е предложен Зоран Заев.
– СДСМ и Коалицијата „Можеме“ го известила претседателот Стево Пандаровски дека мандатор за составување на новата Влада е лидерот на партијата Зоран Заев. Со оглед на истекот на уставните десет дена по конституирањето на Собранието, од страна на Претседателот на државата до коалицијата „Можеме“ беше побарано известување за предлог за кандидат за мандатар за состав на. Од страна на СДСМ и коалицијата „Можеме”, согласно член 90, став 1 од Уставот, за мандатар е предложен Зоран Заев, соопштија од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, останува на ставот дека Собранието не е комплетно конституирано. Нема ниту нови информации за разговорите за формирање Влада.
– Претседавачот Џафери веднаш по точката за верификација на мандатите ја прекина конститутивната седница и практично во овој момент, како што стојат работите, имаме некомплетно конституирано Собрание без претседател на Собранието, што е дел од политички договор. Тоа било така и во минатото, и доколку го сумираме ставот накратко, во овој момент не е комплетно конституирано македонското Собрание, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Според Уставот, по доделувањето на мандатот, мандатарот во рок од 20 дена на Собранието треба да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.