Пред денешната седница во Собранието на Република Македонија покрај изборот на потпретседатели се очекува да биде констатирана и оставката на пратеникот Фљорин Бесими, брат на предлогот за министер за финансии Фатмир Бесими од ДУИ.

Воедно можно е до пред почетокот на седницата оставки да пристигнат и од други пратеници за кои е најавено дека ќе бидат дел од новата Влада на мандатарот Зоран Заев.
Потпретседатели на Собранието се очекува да имаат СДСМ, опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива… Засега се уште официјално не се соопштуваат информации која парламентарна партија ќе добие потпретседателско место во Собранието. На денешната седница, пратениците само ќе гласаат за Предлог-одлуката, а потпретседатели на Собранието ќе бидат избрани на друга седница.
Во Собранието е пристигната и оставката од пратеничкото место на Фљорин Бесими, брат на Фатмир Бесими за кој ДУИ соопшти дека ќе биде предложен за министер за финансии. Тој уште пред неколку дена преку соопштение најави повлекување од пратеничката функција, по реакцијата на Антикорупциската комисија.
Според информации од Собранието, можно е денеска до пред почетокот на седницата закажана за 11 часот, да пристигнат и други оставки од пратеници кои мандатарот Заев најави дека ќе ги предложи за составот на новата Влада. Покрај мандатарот Заев, тоа се Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Мила Царовска, Љупчо Николовски, Оливер Спасовски, Јагода Шахпаска од СДСМ и Насер Нуредини од ДУИ.