Директорот на полициската управа на Црна Гора, Веселин Вељовиќ, изјавил денеска дека има оперативни податоци дека „поединци и групи планираат да предизвикаат инциденти и немири“ на 30-ти август, на денот кога во таа земја се одржуваат парламентарни и локални избори.
„Нашите наоди укажуваат дека овие лица, преку социјалните мрежи и други канали, се залагаат дека за време на гласањето и по затворањето на избирачките места, граѓаните ќе излезат на улиците, со што ќе предизвикаат немири и ќе го нарушат јавниот ред“, се вели во соопштението.
Тој посочил дека полицијата во сите градови „ќе дејствува решително и одговорно“, а „оние што се обидуваат да покажат деструктивно и екстремно однесување и да предизвикаат граѓанска нестабилност и да ги прекршат законските регулативи, ќе бидат спречени и ќе сносат одговорност“.
„Ги повикувам сите граѓани да ја споделат одговорноста и да ги зачуваат граѓанските и цивилизациските вредности на социјалната заедница како заедничко добро и интерес на секоја личност и семејство“, изјавил Вељовиќ.
Покрај парламентарните избори во Црна Гора, на 30-ти август ќе има локални избори во Будва, Котор, Тиват, Гусиње и Андријевице.