Лидерите на трите победнички партии на црногорските избори се согласиле за четири принципи на новата влада во таа земја.
Денес се одржала средба меѓу лидерите на победничките коалиции, „За иднината на Црна Гора“, „Мирот е нашата нација“ и „Црно и бело“, Здравко Кривокапиќ, Алекса Бечиќ и Дритан Абазовиќ, кои ќе ја конституираат идната влада на Црна Гора и ќе ја реализираат изборната волја на граѓаните.
„Тројцата лидери многу брзо се согласиле за неколку принципи врз кои ќе се потпира идната влада“, се вели во соопштението.
„Првиот принцип што е договорен е новата, демократска влада одговорно да ги спроведе сите меѓународни обврски.
Второ, дека новата демократска влада ќе ги спроведе сите потребни реформи со цел Црна Гора да стане членка на Европската унија што е можно побрзо.
Трето, дека новата, демократска влада ќе биде експертска, составена од кадри кои се експерти во специфични области, без оглед на нивните политички, верски, национални или какви било други карактеристики.
И четврто, новата влада ќе биде целосно посветена на почитување на Уставот и спроведување на законот, со измени и дополнувања на сите дискриминирачки закони и подзаконски акти, вклучувајќи го и Законот за слобода на вероисповед“, се вели во заедничкото соопштение.
„Покрај тоа, овие тројца лидери им даваат рака на претставниците на малцинските народи со желба заеднички да градат поубава и попросперитетна иднина за Црна Гора“, се заклучува во изјавата.