Адвокатот на полицаецот Човин: Џорд Флојд користел дрога „спидбол“, не починал од гушење

од Nikola Popovski
235 прегледи

Адвокатот на отпуштениот полицаец од Минеаполис, Дерек Човин, кој е обвинет за убиство од втор степен над Џорџ Флојд, побарал од судијата да ги отфрли сите обвиненија, наведувајќи дека 46-годишниот Афроамериканец починал од предозирање со дрога, а не затоа што неговиот клиент го задушил со коленото.

Човин претходно се изјаснил за невин по обвиненијата.

Адвокатот Ерик Нелсон изјавил дека Човин постапил врз основа на неговата полициска обука, користејќи „техника на максимално ограничување“ поради загриженост дека Флојд може да се повреди себеси или други полицајци кои се мачеле да го уапсат, објави „Јаху њуз“.

Нелсон, исто така, го цитирал извештајот од обдукција, во кој биле откриени траги од фентанил и метамфетамин во телото на Флојд, комбинација на дрога позната како „спидбол“. Нелсон се повикува и на наодот од вештак кој утврдил дека Флојд боледувал од артеросклероза и хипертензија и други болести на крвните садови. Исто така истакнал дека во моментот на смртта Флојд бил позитивен на коронавирус.

Џорџ Флојд починал за време на бруталното апсење на 25 мај во Минеаполис, а снимките од неговата смрт предизвикаа голема огорченост во јавноста и насилни протести низ САД.

Слични содржини