Oткако на 3 јануари му го отстапи место на техничкиот премиер Оливер Спасовски утринава Зоран Заев повторно седна на премиерското столче.
„Новиот владин состав успешно да работи на клучните прашања за државата, односно интеграцијата во Европската Унија, борба со корупцијата, зајакнување на економијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните“, и порача на новата влада преседателот Стево Пендаровски.
Новата македонска економија и забрзаниот економски раст се на првите страници на Програма за работа на Владата за мандатот 2020-2024 година и првите заложби на кои ќе работи новата влада.
„Во претходните три години, во време на решавање на најголемите отворени прашања на надворешен и внатрешен план, покажавме дека можеме да обезбедиме повисок економски раст кој создава нови работни места, паралелно со повисоки плати и пензии.
Имаме план за иновативна, стабилна конкурентна македонска економија, подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса за секој. Следува период на структурни реформи во јавната администрација, за да стане уште поефикасна. Граѓаните и стопанството во неа да препознаат силен и доверлив партнер.
Реформата во институциите започнува токму со составот на оваа Влада: Таа ќе има седум министри помалку, за уште поефикасна работа во интерес на граѓаните. Доаѓа време на ред, правда и дисциплина, време на прочистување на правосудството и неселективно владеење на правото.
Неповторливи се четирите години пред нас. Ние тоа добро го знаеме и нема да ја пропуштиме шансата и довербата што ни е дадена. Во претстојните години продолжуваме со воведување на европските стандарди дома за трансформација на нашата земја на подобро во сите сфери. Ќе ја довршиме со уште еден успех нашата евро-атлантска приказна со членство во ЕУ.
Во следните четири години ќе отвориме 80 отсто од преговарачките поглавја, а за шест години целосно да ги затвориме преговорите. Ќе ја добиеме битката со КОВИД-19. Се најавуваат сложени времиња во следните шест до осум месеци. Но, успешните здравствени политики на овој план обезбедија ефикасен здравствен систем и мотивиран и посветен здравствен кадар. На тоа, постојано ќе работиме, а фокусот на нашето внимание за поголеми шанси за успех ќе биде на експертизата и научниот пристап, во кој главен збор има струката со која ќе се стремиме за единство при носење на одлуки.
За да се реализираат овие програмски определби, имаме тим од посветени, одговорни и отчетни кадри кои ќе ги предводат министерствата. Станува збор за компактен тим од поединци со силно и значајно политичко искуство и личности со значајно стручно знаење и експертиза. Ова ќе биде мала ефикасна Влада. Влада која ќе воспостави ритам на трансформација заедно со граѓаните и со Европската Унија.
Уште еднаш им благодарам на сите граѓани кои со своите гласови ја потврдија исправноста на патот по кој се движиме напред. Сега е време да сработиме и да доработиме. Да продолжиме со силни чекори до подобра иднина за сите“, изјави Заев.