Гренел: САД немаат таен план за дијалогот Белград-Приштина

од Vladimir Zorba
168 прегледи

Во четврток на маса се само економски прашања, но јас се согласувам со изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека никој не знае за кои прашања ќе се разговара во петок и што ќе се случи во понеделник, изјави специјалниот претставник на американскиот претседател за дијалог меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел во разговор преку Интернет со група новинари од албанските медиуми, „Вашингтон пост“ и агенцијата „Танјуг“.

Тој така одговори на прашањето дали една од темите на претстојниот состанок на делегациите на Белград и Приштина ќе биде меѓусебното признавање.

– Ова е еден од проблемите со кои постојано се соочуваме – дека јавноста и политичарите гледаат на овој процес само еднострано – рече Гренел.

– Ќе видиме што ќе се случи во петок, што ќе се случи во понеделник – додаде американскиот официјален претставник и посочи дека процесот е прашање на креативност, а не на наука.

На прашањето дали на делегациите може да им се понуди договор сличен на оној постигнат меѓу Израел и ОАЕ, Гренел рече дека не може да одговори на тоа прашање.

– Затоа што, секое прашање ќе се дискутира и од страните зависи дали имаат желба да разговараат за сите прашања – вели Гренел.

САД, како што наведува, немаат таен план, немаат што да бараат.

Единствено што ќе бараат е доколку страните сакаат американска помош, ако сакаат американски долари, тогаш е потребен економски напредок.

– Не сакаме да ги трошиме нашите пари и да „тапкаме“ во место – рече тој.

Како што нагласи, последната година администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се фокусирала на економски теми, развој и вели дека досега тие имале очигледен успех, повикувајќи се на воспоставување на директен лет меѓу Белград и Приштина, што покрај договорот за изградба на пругата и автопатот, го нарекува историско достигнување.

Слични содржини