Утрово започна уривањето на дивоградбата кај Мавровка.
По четири часа активно рушење со градежната механизацијата на ЈП за одржување на патишта се урна дел од дивоградбата. Уривањето започна под силно полициско обезбедување и голем медиумски интерес.
Владата вчера донесе одлука да му препорача на Управниот одбор на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да донесе одлука за ангажирање на потребна механизација, средства за работа и вработени, за уривање и демонтирање на бесправно изграден градежен објект што се наоѓа пред ТЦ Мавровка, без надоместок кон Општина Чаир, односно од сопствени средства.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов денеска истакна дека Градот нема ниту градежна инспекција ниту пак ингеренции за да интервинира во врска со дивоградбата кај ТЦ Мавровка. Законската основа, како што рече, ја има државниот инспекторат и токму тој ги презема ингеренциите.
-Јас кажав во неклку наврати дека за жал согласно ингеренциите Градот нема градежна инспекција ниту пак ингеренции да интервенира. Ова е нешто за што разговараме и со градоначалниците и со Владата да се префрли како ингеренција на Градот, така што да можевме до сега како Град Скопје, да имавме законска основа, до сега ќе имавме интервенирано. Дуализмот значи дека државата, државниот инспекторат ги презема ингеренциите и токму тоа се случува, рече Шилегов на прес-конференција во одговор на прашање.
Сопственикот на објектот Мевлудин Алити за време на уривањето, пред медиумите рече дека објектот не е дивоградба и оти има елаборат и платени такси и комуналии над 4,7 милиони денари. Алити вели дека ги избегнувал медиумите во изминатиот период бидејќи сметал дека неговиот приватен бизнис не е предмет на јавен интерес.На прес конференција рече дека ќе тужи не само пред домашни судови туку и во Стразбур.
За објектот што денеска се урива изминатиот период имаше дебати и полициска истрага. Откако општинските власти утврдија дека се работи за дивоградба, беше распишан тендер кој да го урива објектот, но никој не се јави.