Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, денеска на Фејсбук објави дека во понеделник во Брисел ќе се состане со српската страна за да разговара за конечниот договор за заемно признавање и нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.
„Врз основа на обврските што ги презедовме на самитот во Париз на 10 јули 2020 година, како и поддршката што ја добивме од претседателот Макрон и канцеларката Меркел, во понеделник во Брисел ќе се сретнеме со српската страна за дијалог за конечен договор за заемно признавање и нормализирање на односите меѓу Косово и Србија“, напиша тој, пренесе „Косово Онлајн“.
Според Хоти, ќе има само конечен договор за заемно признавање.
„Договор се постигнува само кога е склучен со заемно признавање. Нема да има индиректни, делумни или креативни договори што нема да го решат проблемот засекогаш. Ќе има само конечен договор за заемно признавање, кој е систематски и ги вклучува сите прашања што треба да се решат меѓу двете независни држави врз основа на конвенции, стандарди и меѓународна практика за регулирање на односите меѓу две независни држави“, напиша Хоти на Фејсбук.