Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјавил дека суштинската тема за Србија, за која се разговарало на дијалогот во Брисел е економијата, односно отстранување на сите бариери и овозможување на слободно движење на стоки, луѓе, услуги и капитал. Вучиќ пред новинарите во Брисел изјавил дека е исклучително важно во иднина да не се воведуваат даноци или тарифи од ниту една страна.
„Тоа е важно за нас. Многу луѓе го потценуваат, особено оние кои живеат пристојно и не се заинтересирани за вакви прашања, а тоа се прашања што се од суштинско значење за нашата земја“, рекол Вучиќ и потсетил дека со договорот во Вашингтон се согласува дека Приштина се приклучува на иницијативата за мини-Шенген.
Тој посочува дека ова ќе создаде заеднички пазар на труд и стоки и дека ќе придонесе за напредок на целиот регион.
Вучиќ наведува дека во Брисел се дискутирало и за внатрешно раселените лица и исчезнатите лица, како и за можноста за проверка на сите архиви, со цел да се испита каде се наоѓаат посмртните остатоци на 1.000 Албанци и околу 530 Срби, кои се водат како исчезнати.
Тој посочува дека тоа е правда за нив, но и за нивните деца и членовите на семејството.
Вучиќ посочил дека не ги прескокнува ниту едните, ниту другите и дека и двата народи заслужуваат правда, бидејќи тоа, посочува, гради доверба за иднината.