Апсење на Колесникова: Неуспешен обид за протерување или бегство од земјата?

од Nikola Popovski
161 прегледи

Уапсена е белоруската опозиционерка и единствена од трите жени кандидатки на претседателските избори, која остана во земјата, Марија Колесникова. Додека официјални извори во Минск тврдат дека била затворена откако се обидела да избега од земјата, нејзиниот штаб тврди дека Колесникова го искинала пасошот за да не биде протерана во Украина.

„Колесникова е во притвор“, изјавил портпаролот на граничната полиција, без да даде детали за нејзиното апсење.

Безбедносните камери на границата меѓу Белорусија и Украина го покажуваат моментот кога Марија Колесникова се обидела да ја напушти земјата или кога пропаднал обидот за нејзино протерување. Наводно, двајца нејзини соработници заминале во Украина.

„Вчера тројца опозициски политичари, вклучително и Марија Колесникова, биеа наводно киднапирани во центарот на Минск од службениците на државната безбедност. Овие граѓани беа присилно однесени на границата со Украина со план за присилно протерување од белоруска територија, со намера да се претстави приказна како лидерите на опозицијата ги измамиле и издале стотиците илјади свои следбеници“, рекол украинскиот заменик министер за надворешни работи, Антон Герашченко.

Исчезнувањето на Колесникова следело по масовниот протест на кој, според организацијата на Весна, се собрале околу 100.000 луѓе.

Европската унија бара од белоруските власти итно да ги ослободат сите уапсени на политичка основа, изјавил шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.

„Ние силно ги осудуваме произволните и необјаснети апсења врз политички основи во Белорусија што се случуваат од почетокот на предизборната кампања за претседателските избори. Јасно е дека белоруските власти продолжуваат да ги заплашуваат своите граѓани и грубо ги кршат сопствените закони и меѓународни обврски“, рекол Борел.

 

Слични содржини