Позицијата вицепремиер за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси воопшто не се коси со Државната комисија за спречување на корупцијата, туку напротив таа е воведена за да се подобри соработката меѓу извршната власт и ДКСК.Ова во интервју за МИА го посочи вицепремиер за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, кој е всушниот првиот човек, што презема ваква функција, со оглед на тоа што таа се воведе сега во новиот состав на Владата на Зоран Заев.

-Ова е координативна позиција која за успех бара силна соработка, заедничко креирање стратегии и нивна иммплементација со сите ресори и институции под извршната власт во зоните на борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси.
Како координатор со оваа позиција, ќе имам прилика да ги увидам работите од поширока перспектива и да учествувам во реализирање на Владината програма, преку иницирање, надгледување и спроведување политики во максимална соработка со останати министерствата, комисии и државни органи пред се, но и со бизнис заедницата, меѓународните партнери, невладините организации итн.
Борбата ќе се води преку многу канали. Широка и обврзувачка транспарентност, заштита на слободата на медиумите, институционална поддршка на силна и независна ДКСК, немање толеранција при откриени злоупотреби, обезбедување подобро и поефикасно услужување на граѓаните, подобрување на внатрешната комуникација меѓу институциите, зголемување на мотивацијата и ефикасноста на човечките ресурси во владините институции итн.
Ќе инсистирам на зголемена транспарентност на сите нивоа на власт, на намалување на дискреционите права на функционерите и ќе се обидам да реагирам на сите сомнежи околу злоупотреба на позиција или моќ.
Ќе воспоставиме одржлив развој и напредок во образованието, заштитата на животната средина, дигитализацијата, здравствениот систем, условите за водење бизнис. Една од нашите приоритетни заложби во периодот кој следи е да се креира национален развоен план за одржлив развој. На оваа тема веќе развогарав и со постојаната координаторка на Обединетите Нации во земјава, Росана Дуџак. Ги реафирмиравме нашите заложби кон глобалните цели за одржлив развој и спроведување на тековните активности од страна на државните институции во делот на имплементација на Агендата 2030, односно исполнувањето на приоритетните цели за одржлив развој.
Конкретно, не можеме да очекуваме напредок во политиките што ќе ги спроведуваме, ако немаме одржлив развој. Или пак како да очекуваме напредок доколку вистинските луѓе не дојдат на вистинските позиции. Токму затоа, важно е да напоменам дека моите напори и напорите на луѓето од мојот тим ќе бидат соодветно посветени и на спречување злоупотреби, и на развој и на ефикасноста на човечките ресурси.