Абазовиќ: Ѓукановиќ нема доброволно да ја предаде власта

од Vladimir Zorba
120 прегледи

Дритан Абазовиќ, водачот на движењето УРА, е во центарот на вниманието по парламентарните избори во Црна Гора, не само во домашните и регионалните, туку и во светските медиуми. Во разговор со германскиот неделник „Шпигел“, тој откри дека е под полициска заштита поради невидениот притисок што го трпи по изборите.

На прашањето за протестниот митинг пред неговата куќа во Улцињ, Абазовиќ одговори: „Не бев таму таа вечер. Кога дознав за тоа, прво реков на шега: „луѓето дојдоа да ме поддржат“. Вистината е, има голем притисок врз мене, јас во моментов сум под полициска заштита“, рече тој.

„Знам дека има многу луѓе кои можат да ми направат нешто, но не се плашам. Заканите се цената што ја плаќаме како политичари. И тие се исто така логични во сегашната ситуација, ако земете во предвид една работа: по овој резултат на изборите, има многу многу луѓе кои можат да изгубат многу“, вели Абазовиќ.

Дритан е лидер на најмалата партија од либерално-зелената коалиција „Црно на бело“. Тој на изборите освои 5,5 проценти од гласовите.

Според „Шпигел“, се верува дека овој сојуз ги свртел работите наопаку.

„За прв пат во историјата на нашата земја, имаше политичка промена на изборите, и покрај сите манипулации. Граѓаните гласаа против автократскиот систем во кој претседателот Мило Ѓукановиќ, неговото семејство и уште неколку други лица ја третираа земјата и ја искористија како нивна приватна сопственост“.

На заклучокот дека во западната политика и дипломатија, на Ѓукановиќ не се гледа како на непроблематичен, туку барем како на прозападен политичар, Абазовиќ вели дека Ѓукановиќ само тврдел дека е прозападен, односно дека тој никогаш не се залагал за вистинските демократски вредности на Западот.

„Постои концепт на стабилократија. Некои политичари во ЕУ ги гледаат автократите на Западен Балкан како гаранти на стабилноста. Тоа е голема грешка. Вистинска демократизација не можат да постигнат стабилократи како Ѓукановиќ. Наместо силни лидери, ЕУ треба да поддржува силни демократски институции. Ѓукановиќ го прошири впечатокот во ЕУ дека без него може да има само апокалипса во Црна Гора. Сакам да ја убедам Европа дека тоа не е точно“, рече тој.

На прашањето дали тоа значи дека Ѓукановиќ нема доброволно да се откаже од власта, Абазовиќ рече: „Мојот впечаток е не – или барем не толку лесно“, вели Абазовиќ, но додава дека се надева дека нема да има немири.

„Минатата недела имаше напади врз муслимански институции. Не е јасно кои се сторителите. Мислам дека само една политичка сила е заинтересирана за вакви инциденти – тоа се Ѓукановиќ и неговата партија“, заклучи Абазовиќ.

Лидерот на „УРА“ вели дека трите коалиции кои сега имаат тесно парламентарно мнозинство ќе можат да владеат заедно, со оглед на тоа што се крајно различни.

„Да, тоа е можно затоа што сме во пред-политичка фаза. Никогаш немавме суштински промени. Во Црна Гора не станува збор за промена на политичката програма, туку за крај на автократијата и патот кон демократска иднина“, додава Абазовиќ.

Слични содржини