Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва по повод еврејската Нова година им се обрати на граѓаните на Косово и на припадниците на еврејската заедница во Косово и рече дека последните настани влеваат надеж дека претстои „нова ера“, од која ќе имаат корист и израелските и косовските граѓани.
„Испраќам топли поздрави на Рош Хашан до сите вас во Приштина. Оваа година подавам рака на пријателство на народот на Косово. Најновите случувања меѓу Израел и Косово може да ни помогнат да влеземе во нова ера од која ќе имаат корист и двете нации“, се вели во писмената порака на Нетанјаху на церемонијата на Рош Хашана во Приштина.
„Убеден сум дека можеме да постигнеме многу со заедничка работа и искрено се надевам дека ќе го постигнеме тоа“, се вели во пораката на израелскиот премиер.
На прославите на Еврејската Нова година во хотелот „Емералд“ во Приштина присуствувале и претседателот на Косово, Хашим Тачи, премиерот Авдулах Хоти, спикерот на Собранието, Вјоса Османи, како и поранешниот премиер и лидер на движењето „Самоопределување“, Албин Курти.