Новиот амбасадор на Израел во Србија: Се уште не го признавме Косово

од Nikola Popovski
136 прегледи

Новоназначениот амбасадор на Израел во Белград, Јахел Вилан изјавил денеска дека Израел технички сè уште не го признал Косово.

Сепак, тој посочува дека тоа е дел од неодамна постигнатиот договор во Вашингтон и смета дека нема да влијае на силните односи меѓу Србија и Израел.

„Што се однесува до Косово, имаме изјава на израелскиот премиер за меѓусебно признавање на Израел и Косово. Досега не презедовме дополнителни чекори на теренот, но тоа е дел од договорот потпишан во Вашингтон“, рекол Вилан за српските медиуми во својата прва изјава, веднаш откако му ги предаде акредитивните писма на претседателот Александар Вучиќ.

Сепак, израелскиот дипломат е убеден дека меѓусебното признавање на Израел и Косово нема да влијае на силните односи на неговата земја со Србија, кои, како што посочува тој, Израел планира да ги зајакне уште повеќе.

Тој исто така соопштил дека денешната средба со претседателот на Србија била фокусирана на односите меѓу Србија и Израел.

Вилан посочил дека односите на Израел со Србија под раководство на претседателот Вучиќ се „драматично подобрени“.

„Како прво, благодарен сум на претседателот Вучиќ што рече дека Србија ќе ја премести амбасадата во Ерусалим“, посочува израелскиот амбасадор.

На прашањето дали Израел, доколку Србија ја премести амбасадата во Ерусалим, ќе ѝ„возврати“ на Србија, Вилан изјавил дека тоа е многу важен потег на Србија како пријателска земја од една страна, додека се очекува и од другите пријателски земји да го сторат тоа.