Потрес во белоруската дипломатија: Лукашенко разрешил тројца амбасадори поради протестите

од Nikola Popovski
168 прегледи

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, ги разрешил дипломатите Павел Латушко, кој бил амбасадор во Франција, Игор Лешчењ, амбасадор во Словачка, за дејствија што ја дискредитирале дипломатската служба и амбасадорот во Летонија, Василиј Марковиќ, за неправилно извршување на должностите.

„Латушко и Лешчењ се ослободени од дипломатскиот ранг во врска со извршувањето на постапките што ја дискредитираат државната дипломатска служба. Лукашенко ги потпишал соодветните декрети на 16 септември“, соопштиле од прес-службата на претседателот во изјавата пренесена од агенцијата „Белта“.

Со друг указ, Лукашенко го разрешил од дипломатскиот ранг и Марковиќ. Тој бил назначен за амбасадор на Белорусија во Летонија во 2018 година, а претходно бил шеф на дипломатската мисија во Чешка.

Игор Лешчењ е првиот дипломат кој ги поддржал протестите во таа земја. Тој изразил солидарност со Белорусите кои излегле на улиците, бидејќи сакале да им се слушне гласот.

Претходно, Латушко изјавил дека ги поддржува демонстрантите во земјата и го осуди насилството на полицијата. После тоа, тој бил отпуштен од Националниот академски театар „Јанка Купала“, на чие чело бил до неодамна, по што, 50 вработени во театарот поднеле оставки. Латушко се приклучи на опозицијата и на Координативниот совет, кој бил формиран со цел за пренесување на власта во Белорусија.