„Со гласање за предлогот според кој БиХ треба да го признае Косово, бошњачкиот член на претседателството Шефик Џаферовиќ и избраниот член на хрватскиот народ, Жељко Комшиќ, покажале колку не ги интересира, што мислат и чувствуваат Србите во БиХ и сакаат Србија да биде распарчена“, оценува српскиот министер за одбрана, Александар Вулин.
Александар Вулин го прашал претседателот на Србија, Александар Вучиќ, колку долго ќе се залага со неговиот авторитет да ја зачува цела БиХ, која не ја сака цела Србија.
„Претседателе, ако тие не ја почитуваат цела Србија и не ја сакаат Република Српска, до кога ќе треба да ја заштитиме целовитоста на БиХ? Претседателе, им простивте што се обидоа да ве убијат во Сребреница, не простувајте им што се обидуваат да ја убијат Србија“, рекол Вулин.
„Ако во БиХ се за независно Косово, тогаш јас сум за независна Република Српска“, изјавил министерот за одбрана, коментирајќи ја одлуката на Комшиќ и Џаферовиќ да гласаат за предлогот за признавањето на Косово, на вонредната седница на Претседателството на БиХ.