Богатото „портфолио“ и долгата листа на „успеси“ на Јанкулоска на чело на МВР

од Vladimir Zorba
480 прегледи

Врховниот суд ја потврди пресудата од 4 години затвор за Гордана Јанкулоска за случајот „Тенк“, или попознат во пошироката јавност од разговорот со екс премиерот Никола Груевски како „она на М“.

Но, кога се работи за Гордана Јанкуловска, јавноста памети многу работи, за кои сè уште нема соодветна судска развршница или целосно расветлување на случаите.

Еден од посвежите случаи е за кумановските настани на 9 и 10 мај 2015, во кои загинаа 8 полицајци и 14 припадници на вооружената група, 37 припадници на безбедносните сили беа ранети, и беше причинета голема материјална штета на жителите и нивните домови. Јанкулоска тогаш беше принудена да поднесе оставка, заедно со шефот на УБК, Сашо Мијалков. Досега, за нивната улога, како и на други актери во оваа „мала војна“, се шпекулира многу, но без некаков правен епилог.

Неколку дена пред инцидентот во „Диво Насеље“, се случи протест на граѓаните предизвикан од објавените „бомби“ за Мартин Нешковски, на кој брутално реагираше полицијата. Одговорност за тоа, немаше. Незаборавна е улогата на Јанкулоска и во овој случај. „Навистина е тешко да се скрие убиство“, како што вели самата Јанкулоска во уште една од објавените „бомби“, но за настанот на 6 мај 2011 одговараше само еден полицаец, а ниту еден од оние што се обиделе да го скријат убиството, како и оние што знаеја а не преземаа ништо, како тогашната министерка за внатрешни работи, Јанкулоска.

Во богатото „портфолио“, се редат и „успесите“ на полето на справување со политичките неистомисленици. „Да ги сотреме“, ќе рече Јанкулоска за припадници на МВР кои симпатизери на Обединети за Македонија. „Лиле ќе лета од МТВ“, за новинарка од јавниот сервис.

Јанкулоска се истакна и во „десоросоизацијата“ која почна да ја спроведува нејзиниот шеф Груевски, за што Јанкулоска ги стави на располагање ресурсите на МВР.

„Мрежата на НВО финансирани од Сорос безмалку се претвори во монопол, со својата финансиска доминација истиснувајќи ги од сцената невладините организации кои имаат ставови поинакви од нивните. Ваквото деструктивно дејствување наместо коректив на институциите, ги претвори во деструктивен елемент во општеството. Но, светот се менува, а нашето општество созрева“, ќе рече Јанкулоска своевремено во интервју за „Дневник“.

Се разбира, жестокото справување со политичките неистомисленици кулминираше за време на изборите. Од прислушуваните разговори кои ги објави во 2015 лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дознавме и дека за време на избори МВР функционира истовремено како штаб на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, каде на долниот спрат се примаат амбасадори и се работи државната работа, а на горниот – партиската, или, како што тоа најдобро го илустрираше самата Јанкулоска, „мвро-вмро“. Од тие разговори, впечатливи се и податоците за испраќање на полицајци-насилници за справување со неистомислениците во Охрид, праќањето автобуси на опозицијата на технички прегледи, разните инспекции, пиштења вриштења на фирми, на секој што не се согласуваше со власта, или не сакаше да и плати рекет.

Долга би била приказната за „тефтерчето“ на Гордана со „плусчиња и минусчиња“ и нејзината улога како кадровик на ВМРО-ДПМНЕ, за нарачувањето пресуди, поставувањето функционери, бруталната злоупотреба на положбата и инситуциите.

Навистина, долга е листата на „успеси“ на Јанкулоска. Таа серија сепак завршува со овие 4 години затвор, за „она на м“ и исполнување на желбите на најзиниот шеф. А дали и успесите кои ги набројавме ќе бидат исто така и соодветно валоризирани, „во согласност со Уставот и законите“, допрва ќе видиме. На потег се обвинителите и судовите.

Слични содржини