Хотелот во Томск, каде што престојувал рускиот опозиционер Алексеј Навални и каде наводно биле пронајдени шишиња со траги од отров, бил проверен од руската државна агенција за фитосанитарен надзор (Роспотребнадзор), изјавил претставникот на управата на хотелот и посочил дека во собата на Навални не е пронајдено ништо сериозно.
„Роспотребнадзор зеде примероци и ништо не беше пронајдено таму, собата беше средена на вообичаен начин, како и сè друго, многу внимателно. Да имаше нешто, немаше да работиме повеќе“, рекол соговорникот на агенцијата.
Претходно, на Инстаграм профилот на Алексеј Навални, било објавено дека „Новичок“ со кој бил „отруен“ рускиот опозиционер бил пронајден на шишиња во просторијата на хотелот „Ксандер“ во Томск. Исто така, се наведува дека откако вработените во Фондот за борба против корупција, чиј основач е Навални, дознале за неговата хоспитализација, тие повикале адвокат, отишле во хотелската соба каде што претходно престојувал Навални и почнале да пакуваат, опишувајќи и обележувајќи сè што пронашле во собата.
Откако му се слоши на летот во Русија на 20 август, Алексеј Навални беше примен во болница во Берлин, каде сè уште се опоравува од последиците од труењето со овој нервен отров. Токсиколошките крвни тестови на рускиот опозициски лидер, спроведени во германската воена лабораторија обезбедија „непобитни докази“ дека тој бил отруен од Новичок.
Москва продолжува да ја исклучува таквата можност, и покрај заклучоците и доказите на научниците од германските, француските и шведските лаборатории.