Пратеник во Аргентина беше суспендиран откако камерата го забележа како ја милува својата партнерка, пред тој делумно да и ја соблече маицата, за време на виртуелната сесија на долниот дом на Конгресот.
За време на специјалната седница на која присуствуваа неколку пратеници во живо, а повеќето преку видео врска, политичарот Хуан Емилио Амери беше снимен како седи со својата партнерка пред непристојниот чин.
Набргу по инцидентот, кој стана вирален на Интернет и предизвика незадоволство кај јавноста во Аргентина, пратениците изгласаа суспензија за Амери.
Амери е пратеник од северната провинција Салта во владејачката коалиција. Амери за локалното радио изјави дека се чувствува лошо за сè што се случило.
Тој додаде дека неговата интернет-врска е слаба и дека не бил свесен дека е фатен во интимен момент со неговата партнерка.
Владејачката коалиција ќе ја повика комисијата наскоро да ги утврди конечните санкции за Амери.