ДВАЈЦА ИЗБОДЕНИ СО НОЖ КАЈ ПОРАНЕШНОТО СЕДИШТЕ НА ШАРЛИ ЕБДО: Уапсени двајца напаѓачи! (ВИДЕО)

од Aleksandar Petrovski
238 прегледи

Две лица беа избодени денеска во близина на поранешните канцеларии на сатиричното списание „Шарли Ебдо“, а полицијата уапси двајца осомничени за нападот.

Според неименуван полициски извор, една жртва е сериозно повредена, но не е во критична состојба. Тоа се вработени во една производна компанија.

Францускиот премиер Жан Кастекс претходно изјави дека четири лица се повредени, а неименувани извори наведоа дека две од четирите лица се во критична состојба.

Уапсени се двајца мажи осомничени за нападот, а за еден се вели дека е роден во Пакистан.

18-годишник, кој се обидел да избега со метро, ​​бил фатен на блискиот плоштад Бастилја, со траги од крв на лицето. Малку понатаму, уапсен е уште еден човек, кој бил виден со него за време на нападот.

Засега е нејасен мотивот за нападот, како и дали има врска со сатиричниот магазин Шарли Ебдо, кој се пресели во нови канцеларии по нападот од исламските екстремисти во 2015 година.

Судскиот процес за терористичкиот напад на Шарли Ебдо е во тек. Вдовиците на напаѓачите во редакцијата треба да сведочат.

Судскиот процес започна на 2 септември пред специјалниот суд во Париз, повеќе од пет години по крвавите напади на џихадистите врз просториите на весникот „Шарли ебдо“, полицајци и еврејски супермаркет во кои беа убиени 17 лица.

Група од 14 лица е обвинета за обезбедување логистичка поддршка на браќата Саид и Шериф Куаши и Амеди Кулибали, извршители на нападите што започнаа серија џихадистички напади во Франција.

Според медиумите, ова историско судење, кое се одржува под високи безбедносни мерки, треба да заврши на 10 ноември.