Нобеловката Светлана Алексијевич ја напушти Белорусија

од Aleksandar Petrovski
146 прегледи

Добитничката на Нобеловата награда за литература и една од последните фигури на опозицијата на слобода во Белорусија, Светлана Алексијевич, ја напушти земјата и замина на лекување во Германија, соопшти денеска нејзината придружба.

„Таа ќе се врати во Белорусија за еден месец. Таа не се откажа од своите активности како член на Координативниот совет “, тело формирано од опозицијата, изјави пријател на писателката Марија Војтежонок за францускиот печат.

Според неа, Алексијевич требало да оди на лекар пред два месеца, но таа била спречена поради епидемијата на коронавирус и политичките настани во Белорусија.

Писателката ќе замине во Италија по Германија, додаде нејзината пријателка, која не изјави од што страда Алексијевич.

Светлана Алексијевич е единствената од седумте члена на одборот на Координативниот совет формиран за промовирање на транзицијата на власта во Белорусија, која е на слобода. Другите членови беа уапсени или принудени на прогонство како лидерката на протестното движење, Светлана Тихановскаја, која замина во Литванија.

Белорусија ја тресат протести од почетокот на август по реизборот на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, кој управува со земјата од 1994 година.

72-годишната писателка беше заплашена од непознати лица на почетокот на септември со движење околу нејзиниот дом и повикување на неа на домофон и телефон. Таа доби поддршка од европските дипломати, а некои од нив ја посетија во нејзиниот дом.

Светлана Алексијевич го привлече вниманието на критичарите со својот стил и новинарските извештаи од политички турбулентната Русија. Таа прво работеше во истражувачко новинарство, а меѓу најпознатите книги се описи на војната во Авганистан предводена од Советскиот сојуз во 1980-тите и книги за катастрофата во Чернобил.

Таа доби Нобелова награда за литература во 2015 година.