БУНТОВНИЦИ ОД СИРИЈА ИСПРАТЕНИ ВО БОРБИТЕ НА КАВКАЗ: Ерменски амбасадор тврди дека Турција испратила 4.000 борци, Азербејџан негира

од Aleksandar Petrovski
163 прегледи

Турција испратила на своите сојузници во Сирија да го поддржат Азербејџан во конфликтот со соседна Ерменија, соопшти денеска ерменскиот амбасадор во Москва и двајца сириски бунтовници.

Ерменскиот амбасадор во Москва Вардан Тоганјан изјави дека Турција испратила околу 4.000 борци од северниот дел на Сирија во Азербејџан и дека тие се борат таму, што го негираше помошникот на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, објави Ројтерс.

Ерменија исто така изјави дека турските воени експерти се борат заедно со Азербејџанците во Нагорно Карабах, отцепена област во Азербејџан со мнозинство ерменско население и дека Турција обезбедила беспилотни летала и воени авиони.

Азербејџан ги демантира извештаите.

Турција, исто така, не ги коментираше извештаите, иако високи функционери, вклучително и претседателот Реџеп Таип Ердоган, ветија поддршка за Баку.

Двајца борци од бунтовничките групи поддржани од Турција во северна Сирија под контрола на Турција изјавија дека се распоредени во Азербејџан во координација со Анкара.
Тие одбија да бидат именувани поради чувствителноста на проблемот.

„Не сакав да одам, но немам пари. Животот е многу тежок и сиромашен”, рече борец кој се бореше во Сирија за групата Ахрар ал-Шам, која беше поддржана од Турција.

Двајцата рекоа дека нивните команданти од сириските бригади им рекле дека ќе заработат околу 1.500 долари месечно, што е голема плата за Сирија, каде економијата и валутата не успеаја.