Градот Скопје почнува градежна офанзива за изградба и реконструкција на градските сообраќајници.
Во моментов во главниот град се врши реконструкција на повеќе сообраќајници.
Улицата Васил Ѓоргов
Екипите на Град Скопје ја реконструираат улицата Васил Ѓоргов во Капиштец, на потегот од крстосницата со улицата Франклин Рузвелт до булеварот Мајка Тереза (улицата Водњанска). На овој потег, ќе се изврши целосна реконструкција на коловозот на должина од околу 1.000 метри, обнова на оштетените делови од тротоарите, замена на оштетените рабници, како и корекција на крстосницата со улицата Франклин Рузвелт.
Улицата Васил Ѓоргов е 13. реконструкција што ја почнува Градот Скопје во оваа градежна сезона, а дел од сообраќајниците што веќе се реконструираат влегуваат во финалната фаза.
За реконструкција на улицата Васил Ѓоргов ќе се вложат околу 20 милиони денари со вклучен ДДВ, а градежните работи треба да завршат во рок од 45 дена.
Улицата 11-ти Октомври
Улицата 11-ти Октомври на потегот од крстосница со булеварот Кочо Рацин до крстосница со улицата Стив Наумов за 30 дена ќе биде реконструирана и ќе биде обновено булеварското зеленило.
Дополнително на овој потег од 250 метри ќе биде обновено булеварското зеленило и ќе бидат заменети постојните рабници. Вредноста на проектот изнесува околу 27 милиони денари со вклучен ДДВ, а рокот за изведба е 30 дена. Минатата година во овој дел од градот се реконструираше бул. Кочо Рацин и ул. Павел Шатев кои се вкрстуваат со ул. 11-ти Октомври.
Во делот на велосипедскиот сообраќај на овој булевар минатата година беа реконструирани и велосипедските патеки од Рампа до бул. Кочо Рацин на кој за прв пат беа поставени велосипедски ленти стеснувајќи го коловозот заради смирување на автомобилскиот сообраќај.
Дел од улиците кои започна да ги реконструира Градот во текот на оваа градежна сезона веќе влегуваат во фаза на поставување на хоризонтална патна сигнализација и набргу ќе бидат пуштени во употреба. Реконструкциите завршуваат во рекордно кратки рокови, а на дел од булеварите се работи и ноќе со цел колку што е можно побрзо да бидат завршени за да можеме поскоро да бидат пуштиме во употреба. Крајната цел е воспоставувањето на ефикасен и безбеден сообраќај кој ќе ги почитува принципите на одржлива урбана мобилност и полека но сигурно, чекор по чекор да станува наше секојдневие.
Градоначалникот Шилегов упати и апел до граѓаните да бидат трпеливи додека траат градежните работи и да ја почитуваат поставената сигнализација.
-Денеска ја започнавме реконструкцијата на улицата, ќе работиме најинтензивно и јас очекувам овој потег што го работиме денеска до сабота да биде готов, во недела ќе направиме кратка пауза заради одвивање на Скопскиот маратон, а во недела попладне продолжуваме да работиме и моите очекувања се дека до крајот на следната недела, односно за помалку од 10 дена да ја завршиме реконструкцијата. Предвидена е целосна реконструкција на коловозот, тротоарите и велосипедските патеки по должина на целиот потег – рече Шилегов.
Булеварот „Александар Македонски“
Реконструкција на булеварот „Александар Македонски“, од раскрсницата во Автокоманда до излезот на Скопје, е во „во тек“ на реализација.
На петти септември стартуваа градежни активности на потегот од крстосницата со улицата „16-та Македонска бригада“ до пешачкиот мост пред клучката кај Хиподром, која го поврзува овој булевар со автопатот. Булеварот „ Александар Македонски“ ќе се реконструира во должина од 5.300 метри и претставува најдолга делница на која Град Скопје работи во моментов. Градските власти информираа дека реконструкцијата се реализира фазно, а на терен истовремено се работат три од вкупно четири фази на реконструкцијата.
Градот Скопје почнува со голема реконструкција на булеварот Александар Македонски, односно источниот влез во нашиот град. Во текот на минатата година го завршивме западниот дел, сега ќе го средиме источниот дел, и тоа од крстосницата кај Хиподром до поранешен саем во Автокоманда. Ова е потег поголем од 5 километри, ќе работиме деноноќно и ги замолувам граѓаните да имаат трпение во однос на сообраќајните гужви бидејќи во тек е голема градежна офанзива за изградба и реконструкција на градските улици и ќе го пречекаме зимото со целосно обновена инфраструктура во изминативе 2 години. Куриозитет овде е што првпат Град Скопје ќе изврши експроријација на земјиште за да изградиме велосипедска патека што ќе го подобри урбаното живеење и, конечно, ќе има велосипедско поврзување на граѓаните од Синѓелиќ и Маџари со остатокот од градот. На овој потег не е работено 40-ина години“ – изјави градоначалникот Петре Шилегов.