Денес, Белорусија ги укина акредитациите на сите новинари кои работат за странски медиумски куќи, наведувајќи дека мораат да поднесат барање за нови акредитации во постапка што може да трае една недела или повеќе.
Ова е последниот потег на белоруските власти против новинари и медиумски куќи од почетокот на протестите по спорните претседателски избори на 9 август, на кои според официјалните податоци, авторитарниот претседател Александар Лукашенко го освоил шестиот мандат.
„Во сегашната ситуација, ние сме принудени да го спроведеме нашето суверено право и да ги примениме потребните заштитни мерки, вклучително и во форма на нови одредби и регулативи“, соопштило белоруското Министерство за надворешни работи, објавувајќи ја оваа мерка.
Според Министерството, со новиот потег на новинарите ќе им се овозможи полесно да стигнат до акредитации. Во меѓувреме, многу меѓународни новински организации, вклучително и Радио Слободна Европа, имаат дописници во Белорусија кои се државјани на Белорусија. Новинари од целиот свет известуваат за тековните протести на опозицијата во Белорусија.
Претходно Белорусија ги отповика своите амбасадори од Полска и Летонија и побара од двете земји значително да го намалат бројот на дипломати во нивните амбасади во Минск. Побарано е вработените да се намалат на 18 од 50 и од 25 на 14.
Опозицијата ги оспорува официјалните резултати од претседателските избори на 9 август, на кои Александар Лукашенко прогласи победа. Тие обвинуваат за фалсификување на изборните резултати и велат дека опозицискиот лидер Свјатлана Циханускаја освоила најмногу гласови.