Црвената пиперка откупена во целост, побарувачката иста како во бивша Југославија

од Vladimir Zorba
428 прегледи

Повозрасните земјоделци ја споредуваат овогодинешната побарувачка за црвената пиперка со времињата од поранешна Југославија. Молскавичната брзина на продажба ги изненадила, особено поради тоа што пред стартот на бербата се стравуваше за нејзиниот откуп како и за висината на цената.

Според Ристо Велков, претседател на Сојузот на синдикатот на земјоделците во Струмичкиот регион, таа е целосно откупена и тоа по добра цена.

„За разлика од претходните години, струмичките земјоделски производители се задоволни од понудените откупни цени кои се движат од 30 денари за екстра класа до 20 денари за прва и втора класа. Индустриската пиперка го задржа сатусот на најзасадена култура во вториот циклус на производство, а оваа ситуација е поттик за зголемување на насадот на оваа култура“, вели Велков.

Слично како и претходните години, пиперката од есктра класа се извезе, а онаа од втора и трета класа заврши во домашните преработувачки капацитети. Според транспортните компании, големо количество пиперка се извезени во Вараждин, Хрватска, за потребите на прехрамбената компанија „Атлантик група” која го произведува ајварот „Бакина Тајна”, а полни шлепери со овој производ завршиле и на пазарот во Темишвар, Романија.

Според Велков, брзата продажба е секако причина за задоволство, но земјоделците се се уште далеку од висината на заработувачка која ја имале во поранешна Југославија. Како споредба, тој посочува пример на сооднос меѓу цената на нафтата и црвената пиперка.

„Тогаш 3 литра нафта имаа еднаква вредност со 1 кг пиперка, а сега 2 кг пиперки чинат колку 1 литро нафта“, вели Велков.

Транспортерите кои ги превезуваат македонските земјоделски производи на европските пазари велат дека постои огромен интерес за нив, и тоа особено за пиперката, зелката и патлиџаните.

„Имаме многу тури, па понекогаш и едвај постигнуваме“, велат од таму.

Според земјоделците, неколку поуки треба да произлезат од овогодинешната голема побарувачка на црвената пиперка.

„Следната година треба да се обрне внимание на откупната политика на земјоделските производи затоа што се вршат малверзации од страна на откупувачите (неистакнување неделни цени на јавни места), велат во Синдикатот на земјоделците.

Ја посочуваат потребата од поголема подршка од Министерството за замјоделство, и тоа не само во однос на градинарските култури.

„Институцијата треба да обезбеди добар пласман, а цената на продажба да биде повисока од онаа на производство“, категоричен е Велков.

Подршка за земјодството беше предвидена во рамките на сите четири пакет мерки на владата. Во третиот пакет особено внимание привлече мерката која предвидува окрупнување на земјоделското земјиште за поголема конкурентност на македонското земјоделство.

Подршка на земјоделците се предвидува и преку долгорочен закуп на пасиштата, програма за финансирање на микро земјоделски компании, јавни приватни партнерства во лозарството и тутунскиот сектор, стимулирање на преработувачите на грозје за производство на нови продукти, платежна картичка за субвенционирање на 50 отсто од зелената нафта за земјоделците, како и подршка на аграрниот сектор од 5 милиони евра преку Развојната банка на РСМ.

Калина В. Стојановска

Слични содржини