Шахпаска: По извлекување на сите деца помлади под 18 години, продолжува деинституционализација

од Берта Китинска
160 прегледи

По извлекување на сите деца помлади под 18 години од гломазните институции за згрижување, процесот на деинституционализација продолжува, најави министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. До крајот на ноември годинава се очекува да бидат отворени четири нови мали групни домови во кои ќе сместени лица кои ќе се извлекуваат од институциите.

– Како Министерство го продолжуваме процесот на деинституционализација и очекуваме до крајот на ноември да бидат отворени уште четири куќи во кои повторно ќе бидат сместени луѓе, наши деца, граѓани коишто ќе ги извлекуваме од институциите. Така што, оваа успешна приказна, оваа реформа во начинот на грижа за нашите најмлади граѓани продолжува и во периодот што претстои пред нас, рече министерката Шахпаска.

Таа потсети дека во изминатиот период деинституционализацијата беше завршена за сите деца коишто се помлади од 18 години.

– Меѓутоа, пред нас како Министерство предизвикот е уште поголем затоа што треба да се заврши процесот на деинституционализација на тие останати гломазни институции, како што е Заводот Демир Капија, Бања Банско и Завод за рехабилитација во Скопје. Пред нас има уште една бројка од некаде 270 штитеници кои сместени во тие институции. Овој мал групен дом претставува показател на една од позитивните приказни коишто произлегоа со имплементација на Законот за социјална заштита усвоен минатата година, односно една успешна приказна на кој начин децата треба да излегуваат од тие гломазни институции каде беа сместени во голем број и да бидат сместувани во вакви мали групни домови во број најмногу до седум деца во еден објект, рече таа по посетата на мал групен дом во Скопје.

Според неа, суштината на овој процес е тоа што малите групни домови се чекор поблиску до нормалните биолошки семејства и домовите во коишто живеат децата, доколку нивното семејство е функционално.

– Меѓутоа, во овие домови се учат и на основните вредности коишто ги носи семејството – почитување на возрасните, грижата за основните елементарни потреби во текот на денот, почнувајќи од хигиенските нормативи, однесувањето, почитувањето меѓу себе како врсници, одењето на училиште, вклученост во образовниот процес. Така што се се тоа елементи и работи коишто децата ги учат тука. Особено е голем предизвикот за децата коишто се запоставени, запуштени, односно немале среќа да бидат родени во семејства коишто се функционални и коишто ќе се посветат на нивното воспитување и подигање, потенцира министерката за труд и социјална политика.

Оттука, додава таа, овие мали групни домови и професионалците коишто работат тука претставуваат многу голема поддршка на децата коишто потекнуваат од такви семејства. За лицата сместени во мали групни домови, посочи таа, се грижат стручни работници, психолози, педагози, социјални работници, дефектолози, односно кадар кој може да им помогне на децата да се изградат во вистински личности.

Слични содржини