Шахпаска: Состојбата во градинките со Ковид 19 е под контрола

од Берта Китинска
162 прегледи

Mинистерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска од Куманово, информираше дека во текот на денот се пријавени дополнителни седум ковид позитивни вработени во градинките во државата. До вчера имало вкупно 86 заболени вработени во градинките и 26 позитивни деца. Во моментов, потенцираше министерката 484 деца се наоѓаат во изолација.

– Состојбата со градинките јас секојдневно ја споделувам со новинарите, сè уште е под контрола, затоа што да речеме од моментот на отворање на градинките имаме 26 позитивни деца, дел од нив веќе се излезени од процесот на изолација, им заврши периодот на изолација согласно насоките на лекарите и 86 возрасни граѓани во моментов сега ни пристигна информација дека дополнителни седум вработени се позитивни со дeнешниот ден, изјави министерката.

Овие податоци, додаде таа, се споделуваат еднаш неделно со Комисијата за заразни болести за креирање на политики. Таа потенцира дека овој, како што рече, динамичен процес се следи, оти во моментов состојбата не е загрижувачка за да мора да се затвораат градинките, но дека и таква одлука ќе биде донесена исклучиво врз проценка на епидемиолошката состојба заедно со здравствените власти и Владата.

– Она што е добро е дека е добра нивната здравствена состојба, сега засега се блага клиничка слика, без хоспитализации, истото се однесува и за возрасните. И бројките од Куманово се составен дел од овие бројки и не е некоја загрижувачка состојба која би не натерала да ги затвораме градинките. Одлуките за тоа кога и како ќе работат ќе се носат врз основа на проценка на епидемиолошката состојба, заедно со здравствените власти и генерално заедно како Влада,  изјави Шахпаска.

Слични содржини