Од отворањето на градинките на 9 септември до денеска регистрирани се вкупно 33 деца позитивни на корона-вирусот и 109 вработени. Во моментов во изолација се 107 вработени и 650 деца, информира министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Таа посочува дека поголемата бројка на деца во изолација е поради тоа што еден позитивен негувател или воспитувач во изолација повлекува цела група од најмалку 15 деца и еден негов колега.
Шахпаска оцени дека состојбата во градинките е под контрола и оти тоа, како што рече, може да се види од досегашниот број позитивни случаи и лица во изолација, ако се има предвид дека во моментов околу 11 илјади дечиња се згрижени во овие установи.
-Кога зборувам за изолација не сакам јавноста да биде дезинформирана. Тоа е вкупен број на лица ставени во изолација поради контакти. Тие не се позитивни. Нагласувам дека лицата што се ставени во изолација не се позитивни. Велиме дека состојбата е стабилна врз основа на фактот што 11 илјади деца во моментов претсојуваат во градинките. Од тие 11 илјади во изолација се ставени околу 650 дечиња. Будно ја следиме состојбата и како ќе се одвива епидемиолошката состојба така и ќе бидат одлуките што ќе ги носи и министерството и владата, рече Шахпаска одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на Договор за грант за изградба и реконструкција на градинки со градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари.
Во општина Гостивар од отворањето на градинките се регистрирани три позитивни вработени и само едно дете.
Ова како што истакна градоначалникот Таравари говори дека доколку се почитуваат протоколите за работа епидемијата нема да се шири.
– Доколку се придржуваме на протоколите и ние како граѓани и тие што работат во училишта и градинките нема да има голем број инфицирани, рече Таравари.
Тој смета дека како што почнаа со работа градинките и настава со физичко присуство за децата до трето одделение, требало да одат на училиште сите деца .
-Мислам дека и учулиштата требаше да почнат со цел капацитет само со скратени часови, а сите ученици да одат на настава, бидејќи ако се придржуваат до протоколите оптимист сум оти се би поминало без огромни или големи последици, рече Таравари.