Една голема студија во Велика Британија покажува дека имунитетот, откако е утврдено дека некој е позитивен на Ковид-19, исчезнува побрзо отколку што се сметаше порано. Што научивме досега за имунитетот на коронавирус?
„Јас сум имун“, рече Доналд Трамп на враќање кон предизборната кампања по надминувањето на Ковид-19. Тој додаде дека би сакал да ги бакне луѓето од публиката.
Најпознатиот човек на светот заразен со Ковид-19 не го стори тоа. И тоа веројатно беше добра работа. Бидејќи, според досегашните информации, не е сигурно дали американскиот претседател навистина стекнал имунитет.
Прашањето на имунитетот ја следи пандемијата на корона уште од самиот почеток. И со оглед на брзиот раст на бројот на инфекции во Европа, Северна и Јужна Америка, тоа прашање е поважно од кога било. Но, новата студија ги разби надежите за природен имунитет без вакцинација. Научниците од Империјал колеџот во Лондон испитале примероци од 365.000 луѓе во Англија и откриле индикации дека имунитетот се намалува со текот на времето.
Колку трае имунитетот?
Тоа зависи од повеќе фактори. Да речеме од староста, како што покажува студијата. Кај луѓе постари од 75 години, антителата исчезнаа многу побрзо отколку кај младите. Покрај тоа, производството на антитела варирало со сериозноста на болеста. Интересно, бројот на антитела се намалил побавно кај луѓето вработени во здравствена заштита, што може да укаже на повторено или посилно изложување на вирусот, сметаат научниците. Дали имунитетот трае со недели или месеци, тоа зависи од лицето кое е заразено.
Во друга студија спроведена од Медицинското училиште Харвард и Универзитетот во Торонто, научниците откриле дека најмногу антитела имало по две до четири недели од инфекцијата, но дека бројот се намалил после тоа. Нивото на антитела било зголемено околу четири месеци, па се претпоставува дека во тоа време има имунитет, вели раководителката на студијата Ришел Чарлс. Но, вистински доказ дека постои имунитет не може да биде ниту таа студија, и сè уште нема одговор на прашањето колку трае имунитетот против новиот коронавирус.
Зошто постојат различни тврдења за имунитет?
Тоа зависи од местото на истражување, периодот и големината на студијата. Научниците откриле антитела кај 20 проценти од луѓето во Њујорк, 15% во Хајнсберг, Германија и 40% во австрискиот скијачки центар Ишгл. Сите три места беа жаришта во одреден момент.
Во Кина, каде што за првпат се утврди постоењето на вирусот, научниците во мало истражување откриле дека луѓето кои поминале инфекција без симптоми, во просек, немале антитела во крвта по само два месеци. Во Соединетите држави, научниците од Универзитетот во Аризона, во студија која опфати 6.000 луѓе, откриле индикации „дека имунитетот е стабилен најмалку пет месеци“, како што рече имунологот Дипта Батачарја.
Сега, научниците од Империјал колеџот во Англија наведуваат дека од крајот на јуни до крајот на септември, уделот на популацијата за чиишто антитела може да се утврди дека опаднале се намалил од шест на 4,4 проценти. Ова сугерира дека имунитетот трае пократко.
Покрај тоа, процесот на откривање на антитела во крвта е тежок. Резултатите од студиите се различни затоа што некои сè уште се во т.н. состојба „пред печатење“, така што тие сè уште се во фаза на научен преглед (ова важи и за студијата за Империјал колеџот во Лондон). Бројни научници се согласуваат дека прашањето за имунитет сè уште не е доволно истражено.
Дали оние кои го поминале Ковид-19 треба да се придржуваат до мерките за заштита?
Мораат. Од правна гледна точка, нема разлика помеѓу оние кои биле и оние кои не биле заразени. Мерките за заштита варираат од земја до земја, во Германија и од провинција до провинција, но тие важат за сите и прекршувањата честопати се поврзани со строги казни.
Од медицинска гледна точка, луѓето кои биле заразени, исто така, мора да се придржуваат до мерките за заштита, бидејќи прашањето за имунитет, како што видовме, не е јасно. Покрај тоа, во меѓувреме се познати неколку случаи на повторна инфекција.
„Дури и ако тестот докаже присуство на антитела, едно лице мора да се придржува до националните мерки за заштита, како што се носење маска, држење на растојание или тестирање кога ќе се појават симптоми“, изјави Пол Елиот, директор на лондонскиот Империјал колеџ.
Дали има луѓе кои после болест немаат имунитет?
Има индикации и за тоа. Во едно американско истражување меѓу маринци, 41 процент од војниците немале антитела во крвта. Во кинеска студија на Универзитетот Фудан во Шангај, шест проценти од пациентите немале антитела. Ова значи дека не е сигурно дали секоја личност развива имунитет по инфекција со коронавирус.
Германскиот институт Роберт Кох заклучува од тоа дека, според досегашните научни сознанија, не е јасно дали имунитетот се создава редовно, ни колку е силен, или колку трае.