Музичарите се сретаа со Пендаровски, бараат промена на протоколите и парична помош

од Берта Китинска
433 прегледи

Претставниците од Здружението „Музика сега” остварија средба со претседателот Стево Пендаровски.

Тие го информираа за предизвиците и тешкотиите со коишто се соочуваат музичарите поради пандемијата на КОВИД-19. На средбата тие нагласија потреба од итна ревизија на сите протоколи што се однесуваат на музичарите и на музичките работници. Претставниците од ова здружение рекоа дека бараат средби со Комисијата за заразни болести на кои би се разгледувале тековните состојби и актуелни проблеми со кои се соочуваат членовите на ова здружение, но и другите здруженија од сродните области.

Тие најавија дека ќе поднесат и предлог до Владата и до министерството за култура за организирање музички настани на територијата на целата држава со општински пари, а со цел децентрализација на културата, како и барање за поголема и поправична застапеност на македонските музичари во медиумите. Како итно барање, претставниците од Здружението ја истакнаа потребата од помош на семејствата каде двајцата сопружници работат во музичката област.

Претседателот Пендаровски посочи дека само преку одговорен пристап, исклучиво во согласност со актуелната состојба која подразбира стриктно почитување на здравствените протоколи, да се бараат и изнаоѓаат решенија за работата на засегнатите музичари и музички работници.

Здружението за унапредување на правата на музичарите „Музика сега” кое функционира од месец јули 2020 година и брои околу 2000 членови и приврзаници е формирано за исполнување на долгорочни планови, идеи и програми кои би придонеле кон целокупно подигање на културната и музичката сцена во Република Северна Македонија.

Слични содржини