Во вториот настап во Групата-7 во квалификациите за Европското првенство 2022, вечерва во Шафхаузен ракометната репрезентација на Македонија ја совлада селекцијата на Швајцарија со 25:23.
По изедначеното прво полувреме и нерешените 10:10, домаќините беа подобри во првите 15 минути од вториот дел и дојдоа во водство од 18:15. Следуваше серија од 5:0 за избраниците на селекторот Данило Брестовац за водство од 20:18. Оваа низа од пет постигнати без примен гол на крајот се покажа како решавачка за исходот на мечот.
Капитенот Кире Лазаров со шест погодоци беше најефикасен за нашиот тим, а Стојанче Стоилов постигна пет гола. Кај домаќините најефикасен беше Андре Шмид со шест погодоци.
По првите две кола во седмата група, водат Данска и Македонија со по четири бода, додека Швајцарија и Финска се без бодови.