Од денекса ќе почне исплатат на средствата на „Викенд без ДДВ“ од скенираните фискални сметки за време на Викендот без ДДВ.
Сите кои купуваа домашни производи, компјутерска опрема или користеа услуги, во целост ќе го добијат платениот данок од 20, односно 10 отсто на нивните трансакциски сметки.
Оваа мерка беше спроведена на 10, 11 и 12 октомври, кога беше реализиран вкупен промет од околу 9 милиони евра, или поточно 558.176.715 денари, од кои, како што соопштија од Управата за јавни приходи, повратот изнесува 66.853.929 денари, односно нешто над милион евра.
Владините проекции при најавата на оваа мерка беа дека ќе се потрошат над 170 милиони евра, а повратот на ДДВ ќе биде во вкупна висина од 17 милиони евра.
Викендот без ДДВ е мерка дел од четвртиот сет на антикризни мерки со цел да се вратат повеќе средства кај граѓаните, а со тоа да се поттикне потрошувачката и економијата.
Кон крајот на наредната недела УЈП ќе започне и со редовната исплата за скенираните сметки за претходното тримесечие, односно за месеците јули, август и септември.